11. Тогаш Исус ги зеде лебовите, и откако Му заблагодари на Бог, им ги раздели на поседнатите луѓе, а им раздели и од рибите, на секој колку што сакаше.
12. Кога народот се најаде, Исус им рече на Своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа, ништо да не пропадне.“
13. Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа.
14. Кога го видоа чудото што Исус го направи, луѓето говореа: „Овој навистина е Пророкот чие доаѓање на светот ни беше предвестено!“
15. Но, Исус, кога дозна дека наумиле сосила да Го зграпчат и да Го прогласат за цар, повторно се повлече сам во гората.
16. На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото.
17. Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив.
18. Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува.
19. Кога извеслаа околу четири до пет километри, тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија.
20. А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“
21. Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!
22. Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него.
23. Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови.
24. Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.
25. Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“
26. Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте!
27. Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“
28. „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие.
29. Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“