6. Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“
7. „Господине“, - Му одговори болниот - „нема кој да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата. Додека јас да втасам - друг слегува пред мене!“.
8. „Стани, земи си ја постилката и оди си, зашто Јас те исцелив!“ - му рече Исус.
9. Човекот веднаш оздраве, си ја зеде постилката и почна да оди. Но тој ден беше сабота,
10. па затоа еврејските верски водачи му рекоа на исцелениот: „Сабота е! Забрането е да ја носиш постилката!“
11. Тој им одговори: „Човекот што ме исцели, ми рече: ,Земи си ја постилката и оди!‘“
12. „Кој е тој човек што ти го рекол тоа?“ - го прашаа тие.
13. Излекуваниот, пак, не знаеше Кој е тој човек, затоа што Исус се беше повлекол од толпата народ што беше на тоа место.
14. Подоцна, Исус го сретна во храмот и му рече: „Сега оздраве; не греши повеќе, за да не те снајде нешто уште полошо!“
15. Човекот си замина и им кажа на еврејските верски водачи дека Оној што го исцели е Исус.
16. Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите.
17. Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“
18. Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог.
19. Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот.
20. Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите.