32. Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“
33. Учениците почнаа да се прашуваат меѓу себе: „Зар некој Му донесол нешто за јадење?“
34. Тогаш Исус им објасни: „Храна за Мене е да ја вршам Божјата волја. Тој ме испрати за да го довршам делото што ми го довери.
35. Зар вие не велите дека уште четири месеци, па ќе дојде времето за жетва!? А Јас ви велам: подигнете го погледот и видете ги полињата - тие се веќе втасани за жетва!
36. Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат.
37. Зашто поговорката: ?Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита.
38. Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“
39. Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“
40. Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена.
41. И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди,
42. па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“
43. А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја.
44. Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај.