Јован 3:3-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново не се роди, не може да го види Божјото царство!“

4. „Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“

5. Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство!

6. Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото.

7. Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘

8. Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“

9. „Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим.

10. Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!?

11. Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате.

12. Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!?

13. Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото.

14. Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината, така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат.

15. Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот.

16. Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот.

17. Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него.

18. Ниту еден што верува во Него нема да биде суден. Оној, пак, што не верува, веќе е осуден, затоа што не поверувал во Единородниот Божји Син.

19. Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли.

Јован 3