Јован 3:24-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.

25. Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење.

26. Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“

27. Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото.

28. Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница.

29. Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни.

30. Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“

31. Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото.

32. Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво.

33. Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит.

34. Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера.

35. Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце.

36. Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна!

Јован 3