9. (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите).
10. Потоа учениците се вратија дома.
11. Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата
12. и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете.
13. Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“ “Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа
14. Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна.
15. Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече: “Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“
16. Исус и рече: „Мирјам!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.)
17. Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“
18. Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.
19. Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав.
20. Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа.
21. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“
22. Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!
23. Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“
24. Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави.
25. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“
26. По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав!
27. Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“