17. Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“
18. Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.
19. Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав.
20. Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа.
21. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“
22. Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!
23. Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“
24. Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави.
25. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“
26. По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав!
27. Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“