Јован 2:13-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Наближуваше еврејскиот празник Пасха па Исус се искачи во Ерусалим.

14. Таму, пред храмот, Тој затекна продавачи на говеда, овци и гулаби, и менувачи на пари.

15. Откако си направи камшик од јаже, ги избрка сите надвор, заедно со овците и говедата, а на менувачите им ги истури парите и им ги испреврте масите.

16. На продавачите на гулаби им рече: „Изнесете ги одовде! Престанете да го претворате Домот на Мојот Татко во пазариште!“

17. Неговите ученици се сетија дека во Светото Писмо пишува: „Ревноста кон Божјиот Дом Ме изеде!“

18. По тој повод, еврејските верски водачи Му се обратија со прашањето: „Со каков чудотворен знак ќе ни докажеш дека имаш овластување да го правиш ова?“

19. Исус им одговори: „Разурнете го овој храм и Јас за три дена ќе го подигнам!“

20. Тогаш еврејските водачи Му рекоа: „Овој храм бил граден четириесет и шест години, а Ти би го подигнал за три дена!?“

21. Но, Тој им зборуваше за Своето тело како храм.

Јован 2