1. Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван.
2. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка.
3. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници.
4. Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“
5. Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“
6. Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“
7. Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“
8. Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши,
9. па влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори.
10. „Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“
11. Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“
12. Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите упорно викаа: „Ако го пуштиш овој човек - не си му пријател на римскиот цар! Секој што себеси се прогласува за цар, се бунтува против римскиот цар!“