1. Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа.
2. А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму.
3. Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери.
4. Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“
5. Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“ “Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда.
6. Кога Исус им рече, „Јас сум Тој“ - тие се повлекоа и испопаѓаа по земјата.
7. Тогаш Исус повторно ги праша: „Кого барате?“ “Исусa од Назарет“ - повторија тие.
8. Исус им одговори: „Ви реков дека Јас сум Тој. Штом Мене Ме барате, пуштете ги овие луѓе да си одат!“
9. Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде.“
10. Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус.
11. Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“
12. Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса.
13. Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан, кој му беше дедо на Кајафа, Првосвештеникот за таа година.
14. Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот.
15. Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот,
16. а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре.
17. А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој.
18. Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли.
19. Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење.