Јован 11:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта.

2. (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.)

3. Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус: “Господе, твојот драг пријател се разболе!“

4. Штом го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.“

5. (Исус многу ги сакаше Марта, нејзината сестра и нивниот брат Лазар.)

6. Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше.

7. Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“

8. „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“

9. Исус им одговори: „Денот има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина.

10. Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.“

11. Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“

12. „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“

Јован 11