Јован 10:20-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“

21. Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“

22. Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука.

23. Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем.

24. Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“

25. Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата, што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас.

26. И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.

27. Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат.

28. Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака.

29. Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.

Јован 10