19. Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи.
20. Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“
21. Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“
22. Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука.
23. Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем.
24. Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“
25. Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата, што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас.
26. И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.
27. Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат.
28. Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака.
29. Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.
30. Јас и небесниот Татко сме едно.“
31. Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат.
32. Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“
33. Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“