Јован 10:17-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам.

18. Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“

19. Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи.

20. Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“

21. Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“

22. Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука.

23. Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем.

24. Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“

25. Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата, што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас.

26. И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.

27. Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат.

28. Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака.

29. Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.

30. Јас и небесниот Татко сме едно.“

31. Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат.

32. Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“

33. Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“

34. Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови сте‘?

35. Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно),

36. како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘?

Јован 10