Јован 1:28-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

28. Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше.

29. Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот!

30. Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘

31. Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“

32. Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него.

33. Јас не ќе Го познаев, но кога Бог ме испрати да крштавам во вода ми рече: ,Врз Кого ќе Го видиш Светиот Дух да се спушта и да остане над Него, Тој е Оној што ќе крштава во Светиот Дух‘.

34. Јас видов дека тоа се исполни над Исус и сведочам дека Тој е Божјиот Син.“

35. Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца Свои ученици.

36. Тој Го здогледа Исуса како поминува и рече: „Еве Го Божјото Јагне!“

37. Кога го слушнаа тоа, двајцата Јованови ученици тргнаа по Исус.

38. Исус се сврте и ги виде како одат по Него, па им рече: „Што барате?“ Тие му рекоа: „Раби“, (што во превод значи: „Учителе“), „каде живееш?“

39. „Дојдете и видете!“ - им рече Тој. Така, тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него; а беше околу четири часот попладне.

40. Едниот од двајцата што тргнаа по Исус, откако ги слушнаа зборовите на Јован Крстител, беше Андреј, братот на Симон, подоцна наречен Петар.

41. Андреј најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“, а тоа преведено на грчки значи Христос.

42. Потоа Андреј го одведе својот брат кај Исус. Исус го впери Својот поглед во него и му рече: „Симоне, сине Јованов, ти ќе се викаш Кефа“ (Тој арамејски збор на грчки може да се преведе како: Петар).

43. Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Таму го најде Филипа и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“

Јован 1