29. Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!?
30. Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ!“
31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32. Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања!
33. Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања.
34. Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта.