Евреите 10:23-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде.

24. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела.

25. Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ!

26. Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови.

27. Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници.

28. Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван.

29. Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!?

30. Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ!“

31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32. Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања!

33. Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања.

34. Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта.

35. Затоа, не отфрлајте ја таа доверба во Господ. Не заборавајте каква голема награда носи таа.

36. Она што сега ви треба е трпение, за да продолжите да ја извршувате Божјата волја. Така ќе го добиете сето она што ви беше ветено.

37. Зашто, ,многу бргу, Оној што треба да дојде, ќе дојде и нема да задоцни.

38. Тие што ќе бидат праведни, преку вера ќе живеат, а со тие што ќе Ми свртат грб, нема да бидам задоволен.‘

Евреите 10