2. Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас.
3. Савле почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор.
4. Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос.
5. Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос.
6. Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше и ги гледаше чудата што тој ги правеше.
7. Многу демонски духови со силен викот излегуваа од обземените и многу парализирани и сакати беа исцелени.
8. Во градот завладеа голема радост.
9. Имаше таму и еден човек по име Симон. Тој порано правеше магии и ги восхитуваше луѓето, тврдејќи за себе дека е голем човек.
10. Него го слушаа сите, од мало до големо, велејќи: „Овој човек е сила Божја - ,Голема сила‘.“
11. Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови.
12. Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени.
13. Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и од видливите докази што Филип ги правеше.
14. Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован.