Дела Ап. 5:28-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

28. „Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината за смртта на Тој Човек!“

29. Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени.

30. Вие Го убивте Исуса, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна,

31. Го воздигна како наш Водач и Спасител, па Го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покаат и Бог да им ги прости гревовите.

32. За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се послушни.“

33. Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли!

34. Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат за кратко.

Дела Ап. 5