17. Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“
18. Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.
19. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!?
20. Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“
21. Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи:
22. беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!
23. Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините.
24. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив!
25. Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери?
26. Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘
27. Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија.