Дела Ап. 28:4-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“

5. Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје.

6. Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог!

7. Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Публиј, поглаварот на островот. Тој, најљубезно не прими и три дена не гоштаваше.

8. Таткото на Публиј лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели.

9. По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше.

10. Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа се што ни беше потребно за пловидбата.

11. По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци и ја беше минал зимата на Малта.

12. Стигнавме во Сиракуза и таму останавме три дена.

13. Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли.

14. Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.

Дела Ап. 28