Дела Ап. 27:4-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока.

5. Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија.

6. Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и не префрли на него.

7. Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го ’ртот Салмона.

8. Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеја.

9. Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост, па Павле ги советуваше одговорните на бродот:

10. „Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“

11. Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле.

12. Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.

13. Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит.

Дела Ап. 27