33. Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста.
34. Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“
35. Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде.
36. Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат.
37. На бродот имаше двесте седумдесет и шест души.
38. Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот.
39. Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот.
40. Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот.