Дела Ап. 24:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле.

2. Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението: “Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ.

3. За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност.

4. Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате.

5. Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта.

6. Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме (и сакавме да му судиме според нашиот закон.

7. Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде,

8. наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.) Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“

9. И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул.

10. Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече: “Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана.

Дела Ап. 24