9. Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“
10. Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина.
11. Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“
12. Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, се додека не го убијат Павле.
13. Во заговорот зедоа учество повеќе од четириесет мажи.
14. Тие отидоа кај Првосвештеникот и старешините, па им рекоа: „Ние се заколнавме ништо да не ставаме в уста, се додека не го убиеме Павле.
15. Затоа јавете му на полковникот да го доведе Павле во собранието, божем имате намера поподробно да го испрашувате, а ние, уште пред тој да втаса овде ќе му поставиме заседа и ќе го убиеме.“
16. Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле.
17. Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“
18. Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“
19. Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“
20. Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат.