Дела Ап. 23:4-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Оние што стоеја до Павле му рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот Првосвештеник!?“

5. Тогаш Павле им се извини: „Не знаев, браќа, дека тој е Првосвештеник, зашто во Светото Писмо пишува: ,Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ!‘“

6. Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи, а дел се фарисеи, гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскресение од мртвите!“

7. Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба.

8. Садукеите тврдеа дека нема ни воскресение, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова.

9. Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“

10. Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина.

11. Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“

Дела Ап. 23