6. Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена.
7. Во неделата бевме собрани на Причест, а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта се до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине.
8. Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби.
9. Едно момче, по име Евтих, седејќи крај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов.
10. Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“
11. Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда се до мугрите, кога си замина.
12. Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите.
13. Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле.
14. Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена.
15. Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.
16. Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден да пристигне во Ерусалим.