15. Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.
16. Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден да пристигне во Ерусалим.
17. Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него.
18. Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас.
19. Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите.
20. Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови.
21. Имав иста порака и за Евреите и за неевреите: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус.
22. Сега Светиот Дух ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму.
23. Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања.
24. Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.
25. Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види.
26. Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен.
27. Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив.
28. Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв.