10. во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим
11. (Евреи и прозелити), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“
12. Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“
13. Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“
14. Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам:
15. Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро.
16. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:
17. ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа.
18. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат.
19. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад.
20. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден.
21. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘
22. Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете.