6. Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде!
7. А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“
8. Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија,
9. меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.
10. Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога.
11. Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина.
12. Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.
13. Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле.
14. Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија.
15. Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.
16. Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли.
17. Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму.
18. Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“
19. Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш?
20. Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“
21. (Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.)
22. Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе,
23. зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него.
24. Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце.