3. Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.
4. Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив.
5. Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.
6. Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање.
7. По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат.
8. Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам.
9. Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера.
10. Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме?
11. Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“