22. Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила.
23. Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас!
24. Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле.
25. Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле,
26. луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.
27. Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме.
28. Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни:
29. да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства. Бидете поздравени!“
30. Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото.