Дела Ап. 13:16-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете!

17. Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму.

18. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината.

19. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците.

20. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил.

21. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години.

22. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘

23. Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус.

24. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат.

25. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘

26. Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас!

27. Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците.

Дела Ап. 13