14. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија.
15. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16. Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете!
17. Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму.
18. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината.
19. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците.
20. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил.
21. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години.