1. Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир на Италијанскиот полк.
2. Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог.
3. Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“
4. Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“ Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана.
5. Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар!
6. Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“
7. Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек.
8. Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа.
9. Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив за да се моли.
10. Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес
11. и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња,
12. а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици.
13. Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“
14. „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони!“ - одговори Петар.