2 Петар 2:5-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го зачува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство.

6. Градовите Содом и Гомора во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страовен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни.

7. Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави.

8. Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла.

9. Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден.

10. Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во својата дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат!

11. Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив.

12. Таквите луѓе се како неразумни животни, кои се определени за да бидат ловени и убивани. Се потсмеваат на нешта што не ги разбираат. Затоа и ќе загинат како животни.

13. Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање сред бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, зашто тоа го прават од нечисти мотиви.

14. Очите им се полни со прељуба. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе!

2 Петар 2