1. Христијаните кои се затекнале како робови треба искрено да ги почитуваат своите господари. Во спротивно, ќе дадат повод да се зборува лошо за Бог и за нашето учење.
2. Оние, пак, чии господари се христијани не треба поради тоа помалку да ги почитуваат. Напротив, треба да им служат најдобро што знаат и умеат, бидејќи со тоа му помагаат на својот брат по вера, што треба да го сакаат. Така треба да ги поучуваш и да ги советуваш.
3. Секој што поучува поинаку, му се противставува на здравото учење на нашиот Господ Исус Христос, кое е основа на побожноста.
4. Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба
5. и постојани расправии. Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење.
6. Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш.
7. Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе.
8. Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни.
9. Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст.
10. Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа многубројни болки.
11. Тимотеј, ти си Божји човек, затоа бегај од тие зла! Труди се да бидеш праведен, побожен, верен, да ги сакаш луѓето, да бидеш трпелив и кроток.