14. бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети.
15. Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир.
16. Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?
17. Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви.
18. На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува.
19. Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди.
20. Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал.
21. Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја.
22. А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос.
23. Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате!
24. Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив.
25. За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност.
26. Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат.
27. Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак.
28. Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам.
29. Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не.