16. Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото?
17. Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси?
18. Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото.
19. Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело!
20. Телото е едно, но се состои од многу органи.
21. Окото не може да и каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“
22. Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни,
23. а на оние што ги сметаме за понеугледни им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи,
24. зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме.
25. Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг.
26. Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи.
27. Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело.
28. Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил: прво апостоли, второ пророци, трето учители, по нив се оние што прават чуда, па оние што имаат дарба да исцелуваат, па оние што им помагаат на другите, па оние што умеат да управуваат и оние што зборуваат разни јазици.
29. Зар треба сите да бидат апостоли? Треба ли сите да бидат пророци? Зар треба сите да бидат учители? Може ли сите да прават чуда?
30. Може ли сите да имаат дарба да исцелуваат? Треба ли сите да зборуваат на разни јазици? Може ли секој да преведува од друг јазик? Се разбира, не!
31. Стремете се кон поголеми дарби! А јас ќе ви покажам што е неспоредливо подобро од која и да е дарба!