4. Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе.
5. Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.”
6. „И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат!
7. Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа.
8. На Хорив Го разгневивте Господа, и Господ така пламна на вас, што сакаше да ве уништи.
9. Се искачив на гората за да ги примам камените плочи, плочите на Заветот што Господ го склучи со вас. На гората останав четириесет денови и четириесет ноќи: ниту јадев леб ниту пиев вода.
10. И Господ ми даде две камени плочи, напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот.
11. Кога поминаа четириесет денови и четириесет ноќи, Господ ми даде две камени плочи - плочи на Заветот.
12. И Господ ми рече: ‘Стани! Слези итно оттука, зашто се расипа твојот народ, кого го изведе од Египет. Брзо слегоа од патот што им го означив: веќе си направија леан лик.’
13. Уште Господ ми рече: ‘Го набљудував тој народ. Навистина тоа е коравовратен народ!
14. Остави ме да ги уништам и да го избришам нивното име под небесата, а од тебе да направам народ и посилен и поброен отколку што е овој!’
15. Се свртив и слегов низ планина, а гората постојано пламтеше во оган. Двете плочи на Заветот ми беа во рацете.
16. Погледнав: навистина згрешивте против Господа, својот Бог. Си одлеавте теле. Така бргу се отклонивте од патот што Господ ви го беше посочил.
17. Ги грабнав двете плочи па ги фрлив од себе со двете раце - ги скршив плочите пред вашите очи.
18. Тогаш се фрлив ничкум пред Господа. Четириесет денови и четириесет ноќи - како и порано - ниту јадев леб ниту пиев вода заради сите гревови што ги направивте, правејќи зло во очите на Господа и срдејќи Го.