7. Господ не ве одбра и не ве прифати дека сте побројни од сите народи - поправо вие сте најмалубројни -
8. туку затоа дека Господ ве љуби и дека ја пази заклетвата со која им се заколна на вашите татковци. Затоа Господ ве изведе со силна рака и ве ослободи од домот на ропството, од власта на фараонот, египетскиот цар.
9. Затоа знај дека Господ, Твојот Бог, е вистински Бог, верен Бог, Кој го пази Својот завет и ја искажува Својата милост до илјада поколенија на оние кои Го љубат и ги пазат Неговите заповеди.
10. А на оние кои Го мразат им враќа направо на нив самите; го уништува без одлагање оној кој Го мрази: му враќа направо на него самиот.
11. Затоа држи ги заповедите, законите и одредбите кои ти ги заповедам денес за да ги исполниш.
12. А како награда - ако ги слушаш овие закони, ако ги пазиш па ги извршуваш - Господ, твојот Бог, ќе ти ги пази Својот Завет и милоста за кои им се заколна на твоите татковци.
13. Ќе те љуби, ќе те благословува и ќе те размножува; ќе ги благословува плодот на твојата утроба и родот на твојата земја: твоето жито, твоето вино, твоето масло, рожбите на твоите говеда и прирастот на твојот добиток во земјата за која им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде тебе.
14. Ќе бидеш благословен над сите народи; во тебе ќе нема ни неплоден ни неплодна, ниту меѓу твоите деца, ниту меѓу твојот добиток.
15. Господ ќе ја отстрани од тебе секоја болест; нема да пушти на тебе ниедно од страшните египетски зла што ги познаваш, туку ќе ги притисне со нив оние што те мразат.
16. Уништувај ги сите народи што Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде. Нека не ги сожалува твоето око. Не клањај им се на нивните богови, зашто тоа ќе биде стапица.”
17. „Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Тие народи се побројни од мене, како ќе ги изгонам тогаш?’
18. Не бој се од нив! Спомни си што им направи Господ, твојот Бог, на фараонот и на целиот Египет!
19. Помисли на големите искушенија што ги виде со свои очи; на оние знаци и чудеса, па на силната рака и на испружената мишка, со кои Господ, твојот Бог, те изведе. Така Господ, твојот Бог, ќе направи со сите народи од кои се плашиш.