13. Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена;
14. кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето.
15. Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение.
16. Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии.
17. Им жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа.
18. Не се грижиш за Стената што те даде на свет, не си спомнуваш веќе за Бога, Кој те роди!”
19. „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки.
20. ‘Ќе им го скријам Своето лице - рече - и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност.
21. Со ништожен бог ме поттикнаа на ревност, Ме раздразнија со своите ништожества, и Јас ќе ги направам нив ревниви, ќе ги огорчам со некој глупав народ!
22. Да, пламна пожарот на Мојот гнев, и ќе гори до гробните длабочини; ќе ја проголта земјата и сето она што таа го раѓа, и ќе и ги изгорам планините до основите.
23. Сите неволји ќе се навалат на нив, Своите стрели ќе ги истрошам врз нив.
24. Ќе умираат од глад, ќе ги трујат треската и лутиот помор. Ќе испратам против нив ѕверски заби и отров на оние што лазат во правот.
25. Надвор мечот ќе ги погубува децата, а стравот ќе владее внатре. Ќе гинат еднакво - момче и девојка, доенче и седокос старец.
26. Реков: „Ќе ги раселам, ќе им го избришам споменот од помеѓу луѓето.”
27. Но се боев од непријателското потсмевање: би можеле да им се излажат противниците, па да речат: „Победата е наша, тоа не го изврши Господовата рака.”
28. Зашто тоа е народ без знаење, нема остроумност во нив.
29. Да се мудри, веќе и би се досетиле, би разбрале што ги чека.
30. Како може еден да натера илјада во бегство, и двајца да гонат десет илјади, ако нивната Стена не ги предаде, ако Господ не ги предаде?
31. Но нивната стена не е како нашата Стена; нашите непријатели се осудени.