Втзакон. (5 Moj.) 30:11-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. „Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе.

12. Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’

13. Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’

14. Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.”

15. „Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа.

16. Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес - ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост.

17. Ама ако твоето срце се одврати и не послушаш, туку тргнеш по заблуда и се клањаш на други богови и ним им служиш,

18. Јас ви изјавувам денес дека навистина ќе пропаднете; не ќе живеете долго на земјата во која, откако ќе поминете преку Јордан, ќе влезете за да ја земете во сопственост.

19. Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот,

20. љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде.”

Втзакон. (5 Moj.) 30