54. Човекот, најнежниот и најмекиот сред тебе, ќе гледа со злобно око на својот брат, на жената во својата прегратка и на своите деца што му останаа,
55. не сакајќи ниту со еден од нив да го дели месото на своите синови, што ќе го јаде, зашто заради притеснувањето и јадот, со кои твојот непријател, ќе те притиска по сите твои градови, друго не ќе му останува.
56. И жената, најнежна и најмека што ќе биде сред тебе - толку нежна и воздржана што не се осмелува да ги спушти стапалата на земја - ќе гледа со злобно око на мажот во својата прегратка, и на својот син, и на својата ќерка,
57. и на својата постелка што ќе и излезе меѓу нозете, и на децата што ќе треба да ги роди, зашто ќе ги изеде скришно, скудна во сè, заради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател по сите твои градови.
58. Ако не ги пазиш и не ги вршиш зборовите на овој Закон, што се напишани во оваа книга, не почитувајќи го ова славно и страшно Име - Господа, својот Бог -
59. Господ ќе ве шибне тешко, тебе и твоето потомство, со големи и долготрајни бичеви, со погубувачки и долги болести.
60. Ќе ги пушти на тебе сите египетски зла, од кои се плашеше, и тие ќе се прилепат до тебе.
61. А и секоја друга болест и бич, кои не се наведени во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе ги пушта на тебе додека не те уништи.