Втзакон. (5 Moj.) 28:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Ако навистина го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите негови заповеди што ти ги наредувам денес, Господ, твојот Бог, ќе те возвиши над сите народи на земјата.

2. Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако го слушаш гласот на Господа, својот Бог.

3. Благословен ќе бидеш во градот, благословен во полето.

4. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, родот на твојата земја, плодот на твојот добиток: рожбите на твоите говеда и на твоите стада.

5. Благословен ќе биде твојот кош, и твоите ноќви.

6. Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш.

7. Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе.

8. Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава,

9. Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта.

10. Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе.

11. Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде.

Втзакон. (5 Moj.) 28