10. „Кога ќе отидеш во војна против своите непријатели, па Господ, твојот Бог, ти ги предаде во твои раце, па ги заробиш,
11. ако забележиш меѓу плениците убава жена и се загледаш во неа, можеш да ја земеш за жена.
12. Доведи ја во својата куќа, па нека ја избричи главата, нека ги потсече ноктите,
13. и нека ја отфрли облеката во која беше заробена. Нека помине цел месец во твојот дом, оплакувајќи ги татка си и мајка си. Потоа можеш да и пристапиш како маж, и нека ти стане жена.
14. Ако потоа не ти биде по волја, пушти ја каде што и е мило. Не смееш да ја продадеш за сребреници, ниту да постапуваш со неа како со робинка, зашто ти беше жена.”
15. „Ако некој човек има две жени: една што му е мила, а другата што му е немила, па милата и немилата му родат синови, ама првороденецот е од онаа што не му е возљубена,
16. тогаш, кога ќе дојде денот да го подели својот имот меѓу своите синови, не смее да постапи кон првороденецот од возљубената на штета на синот од немилата, кој е првенец,
17. туку треба да го признае за првороденец синот на невозљубената и да му даде нему двоен дел од сè што има. Зашто тој е првина на неговата сила - нему му припаѓа правото на првородството.”
18. „Ако некој има опак и непокорен син, кој не сака да ги слуша ни таткото ни мајката - па ни тогаш откако ќе го казнат -
19. неговиот татко и неговата мајка нека го одведат при старешините на својот град, при вратата на своето место,
20. и нека им речат на градските старешини: ‘Овој наш син е опак и непокорен; не сака да нè слуша; ништожник е и пијаница.’
21. Потоа сите луѓе, неговите сограѓани, нека го опсипат со камења додека не загине. Така ќе го откорнеш злото од својата средина: сиот Израел ќе го чуе тоа и ќе се бои.”