Втзакон. (5 Moj.) 11:16-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Внимавајте да не биде заведено вашето срце, да не тргнете по грешен пат, да не им искажувате почитување на други богови и да не им се клањате.

17. Зашто тогаш Господ ќе пламне со гнев против вас: ќе ја затвори небесата; ќе нема дожд; земјата не ќе дава род, и вас ќе ве снема брзо од таа добра земја што Господ ви ја дава.”

18. „Вложете ги овие мои зборови во своето срце и во својата душа; врзете ги како знак на својата рака; нека ви бидат како запис меѓу очите!

19. Поучете ги на нив своите синови, изговорувајте ги кога седите во својата куќа и кога одите патем; кога легнувате и кога станувате.

20. Напишете ги на довратниците на својата куќа и на својата врата,

21. за да бидат вашите денови и деновите на вашите синови - во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде - бројни како деновите на небесата над земјата.

22. Ако ги држите верно сите овие заповеди кои ви ги наредувам, ако ги вршите и ако Го љубите Господа, својот Бог, ако одите по сите Негови патишта и ако се прилепите цврсто до Него,

23. Господ ќе ги протера од пред вас сите тие народи, и вие ќе завладеете помногубројни и посилни народи од себе.

24. Секое место на кое ќе стапне вашата нога ќе биде ваше; од пустината и од Ливан, од Реката, од реката Еуфрат, до Западното Море, ќе се тегне вашето подрачје.

25. Никој не ќе се одржи пред вас; Господ, вашиот Бог, ќе внесе страв и трепет по сета земја во која ќе стапите, како што ви рече.”

26. „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство:

Втзакон. (5 Moj.) 11