Судии 7:7-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Со оние триста луѓе, кои локаа вода, Јас ќе ве избавам, и ќе ги предадам Мадијамците во вашите раце. Сите други нека се вратат, секој во своето место.”

8. И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината.

9. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете.

10. Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура;

11. слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.” Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот.

12. Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето.

13. Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.”

14. А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.”

15. Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.”

Судии 7