Судии 7:15-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.”

16. Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата:

17. ”Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас!

18. Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’”

19. Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете.

20. Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!”

21. И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат.

22. Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават.

23. А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците.

24. Гедеон испрати вестители по целата Ефремова Гора да зборуваат: „Слезете пред Мадијамците и заземете ги пред нив сите градови до Вет-Вара и до Јордан.” Сите луѓе од Ефремовото племе се одѕваа и ги зазедоа бродовите на водата до Вет-Вара и до Јордан.

25. И фатија два мадијамски кнеза, Орива и Зива; Орива го убија на Сур-Орива (Оривовата Стена), а Зива кај Јакев-Зива (Зивова Теснина). Ги гонеа Мадијамците и му ги донесоа на Гедеон главите на Орива и Зива оттаде Јордан.

Судии 7