8. Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството.
9. Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја,
10. и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.”
11. Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците.
12. И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!”
13. Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.”
14. Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.”
15. ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.”
16. Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.”
17. Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене.
18. Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.”
19. Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот.
20. Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.” Тој направи така.
21. Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи.
22. А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!”
23. Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!”
24. Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).” Тој стои до денес во Авиезеровата Офра.
25. Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него.
26. Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.”
27. Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе.
28. Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар.